„Мали vs ГОЛЕМ„ театарска премиера во изведба на Д.Д.С. „ДрамаКидЗ“
На 06.07, четврток, со почеток во 20.00 ќе се случи премиера на театарската претстава „Мали vs ГОЛЕМ“ во изведба на Детското Драмско Студио (Д.Д.С.) “ДрамаКидЗ“, кое работи во рамки на НУЦК „Григор Прличев“ Охрид.
После шест месечни проби и изучување на основите на театарската уметност, 26те членови Д.Д.С „ДрамаКидЗ“, на возраст од 8-14 години се подготвени да се претстават пред охридската публика и пред своите врсници.
Поларизацијата, поделбите, врсничката комуникација полна со предизвици, потоа актуелните случувања во образованието кое што дополнително ги збунува младите личности, сите тие се теми кои ги обработувавме во оваа постановка; но, пред се, со неа сакаме да испратиме порака која ја афирмира и поттикнува идејата за здружување, меѓусебна соработка и меѓусебно почитување; порака која сака да ги охрабри младите, да се самозастапуваат и да се застапуваат за својата заедница, за нивните врсници, за нивните права.
Театарската претстава е коавторско дело на драматургот Кристина Тодороска Петреска и режисерот Ирена Стеријовска, а обработува теми од секојдневието на младите личности, го артикулира нивниот глас и размислувања, наспроти образовниот систем и воопшто светот на возрасните. Како ментори на Д.Д.С. „ДрамаКидЗ“, авторите во текстот и во самата изведба инкорпорираат мислења, ставови и темпераменти, кои се автентични за самите членови на студиото и нивната генерација, па така ова театарско дело, иако жанровски фикционално, обелоденува многу вистини за светогледот на децата, во едни несигурни и неприлагодени општествени контексти.
Претставата „Мали vs ГОЛЕМ“ ќе се прикажува репризно и на 07.04.2023, во петок, а ќе се игра и во текот на целата репертоарна сезона.
Д.Д.С „ДрамаКидЗ“ започна со работа од октомври 2022 и брои 26 членови од 3то до 8мо одделение. Со нив работат професионалци, членови на ансамблот на НТО и тоа: Драматурзите Зоран Пејковски и Кристина Т. Петреска, режисерите Ирена Стеријовска и Ѓорѓи Ризески, како и актерите Филип Кипровски, Павел Маслов и Стрезо Стаматовски. Координатор на Д.Д.С е Зоран Левески, стручен соработник за драмска дејност при НУЦК „Григор Прличев“.
Напишете коментар