Преведи со Google Translate

Macedonian Albanian English French German Spanish
Банер
Банер
Банер
Банер

Банер

Добитник на престижната награда „Григор Прличев“ е Трајче Кацаров

Трајче Кацаров - добитник на престижната награда „Григор Прличев“ за наградената поема за 2021 година „Цветко“, под шифра: Когито.

Трајче Кацаров е поет, раскажувач, есеист и драмски автор. Работи како драматург во НУЦК „Ацо Шопов“ - Народен театар Штип. Наставен доценте е на Интернационалниот универзитет за аудио-визуелни уметности „Еуропа Прима“. Во 1993 година го основа Списанието за уметност СУМ и до ден-денес е негов главен и одговорен уредник. Во 1996 година со група истомисленици, го основа списанието Месечникот за театар „Тренд театар“ и станува негов уредник. Во 1997 година со група автори, го основа весникот на ДПМ „Стожер“. Од 2017 година е главен и одговорен уредник на Списанието на ДПМ „СТОЖЕР“. Како издавач има објавено триесетина книги од науката, есеистиката, уметноста и публицистиката, меѓу кои се: „Маларме“ од Ги Мишо, „Вера и скпеска“ од Јиржи Менцел, „Системот на Антонен Арто“ од Вадим Максимов, „Актерската игра“ од Михаил Чехов.
Share/Save/Bookmark
 

Среќна нова година и Божиќни празници

Share/Save/Bookmark
   

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ СПОРЕД ОДЛУКАТА НА ЖИРИ КОМИСИЈАТА ЗА НАЈДОБРА ПОЕМА

Жири комисијата за доделување на наградата „Григор Прличев“ што НУ Центар за култура „Григор Прличев“ -Охрид ја доделува за најдобра поема во ракопис во 2021 година, во состав: проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ (претседател), проф. д-р Мишел Павловски (член) и д-р Славчо Ковилоски (член), на својот заеднички состанок одржан на 24.12. 2021 година едногласно ја донесе ОДЛУКАТА за избор на најдобра поема за 2021 година, при што како највисоко рангиран го посочи ракописот : „Цветко“, Шифра: Когито.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Поемата „Цветко“ под шифра: Когито, пишувана во модернистички манир, претставува вешто компониран поетски исказ, сугестивен и хармоничен, згуснато сензитивен и напати спокоен, кој, преку навидум едноставниот лирски расказ за животот на Цветко, отвара суштински егзистенцијалистички прашања. Поемата има изградено цврста интегрирана приказна со структурна издиференцираност во мотивски поглавја (Пролог, Семе за надеж, Детството, Младост, Големата љубов, Брак, Лизгање по угорнина, Гости, Епилог), обединети околу одредени семантички јадра, кои го следат животот на главниот лик – Цветко. Поемата ја третира вечната тема за човековата ранливост и минливост, (не)исполентоста на очекувањата во дослух со самиот себесе, но и со традицијата, менталитетот, обичаите карактеристични за поднебјето под кое живееме, каде низ слободен стих се движи содржината на случувањата во ритам и стилска одржливост со помош на едноставен јазик, ставен во функција на пораката која треба да ја пренесе. Структурните мотивски конкретизации освен што ги третираат универзалните поимања за филозофијата на опстанокот, сврзани со вечните егзистенцијални дилеми: приклонување кон одредени етички категории, животни избори, (не)реализираност, верба, се труди да достигне и поетскиот квалитет. Притоа, чувственоста како димензија и прочувствуваноста како состојба стануваат доминанти во поетскиот лирски израз. Авторот/авторката ги излева своите ставови за значењето на љубовта и љубовниот опит низ низата од стихови на: Данте, Петрарка, Бајрон, Шекспир, Гете, Хименес, Валери, Хајне, Пушкин..., бидејќи во светот на Цветко се прекршуваат чувствата, речиси оксиморонски. Но еден вид сублимат на неговите размисли како поет и како доминантно човек се содржат во стиховите на Бела Хамваш, цитирани во поемата: „Животот може да се изживее искривено./ Лесно, лажно, игриво, неозбилно/ Со една рака, рамнодушно, одважно/ Премногу ревносно и завршно/, кои во духот на поетски преточената животна сторија на јунакот, го одразуваат поетовиот светоглед за предодретеноста и личниот влог во сопствениот почеток, текот и крајот на животниот век. Поемата комуницира и со културните симболи на времето, умешно вградувајќи ги во сопствената поетика. Авторот/авторката амбиентот на случувањата напати сака да ни го долови низ мелодијата, аромата и здивот на песните на Бери Вајт, иконата на фанкот и соулот, низ музиката на Тајм, Стонси, Квин и Стинг, и на тој начин да нѐ пренесе во некои животни модалитети на 70-тите, 80-тите и 90-тите години на 20. век, но и деконструирајќи ги и прилагодувајќи ги во сопствената естетика.
Share/Save/Bookmark
   

ИМПРОВОКАЦИЈА C07E03

ИМПРОВОКАЦИЈА повторно на сцената во Народен Театар Охрид, во МАЛА САЛА. СЕДМА сезона, трета епизода.
Петок, 24-ти декември 2021, во 20.00 часот.Резервација на карти на 075283066.
За влез потребно е да поседувате и приложите еден од следниве документи:
-сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно вакцинирани со две дози со вакцина против КОВИД-19
-сертификат/потврда за прележан COVID-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
-сертификатот/потврдата не се однесува за лица под 18 годишна возраст.
Share/Save/Bookmark
   

„Гостинот“ (The Guest)

Кино проекции во среда (15.12.2021) и четврток (16.12.2021) почеток 19.00 часот, цена на карта 100 денари.
Кратка содржина: Гвидо мислеше дека води некомплициран живот, сè додека, едно зимско попладне, ќе доживее ненадеен шок од неговата девојка Кјара. Гвидо е принуден да го спакува куферот и да го напушти нивниот стан - но каде да оди? Тој ги замолува своите родители и пријатели да го примат и така почнува да преспива на нивните каучи прифаќајќи ја улогата на сведок на нивните секојдневни животи и нивните различни романтични аспекти.
Година: 2019
Режија: Дучо Кјарини
Времетраење: 94 минути
Земја: Италија/Швајцарија/Франција
Жанр: Комедија
Возрасна категорија: Прва категорија
Сценарио: Дучо Кјарини, Давиде Лантиери, Марко Петенело, Роан Џонсон
Продукција: Mood Film
Продуценти: Томазо Ариги, Фредерик Белаиш, Микела Пини, Винсент Ванг
Кинематографер: Барис Озбичер
Улоги: Даниеле Паризи, Силвиа Д`Амико, Ана Белато, Тони
Застапник: Урбан Дистрибушн
Дистрибутер за Македонија: Катавеј
Линк од трејлер: https://www.imdb.com/video/vi1448393753...
Карти по цена од 100 денари на билетарата при НУЦК "Григор Прличев" - Охрид. Телефон за резервации 046/261-063, 075/283-066, СОГЛАСНО ЗДРАВСТВЕНИТЕ ПРОТОКОЛИ СО ОГРАНИЧЕН БРОЈ НА ПУБЛИКА!
За влез потребно е да поседувате и приложите еден од следниве документи:
-сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно вакцинирани со две дози со вакцина против КОВИД-19
-сертификат/потврда за прележан COVID-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
-сертификатот/потврдата не се однесува за лица под 18 годишна возраст.


Share/Save/Bookmark
   

Страница 1 од 50

<< Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај >>